Животот на минус на тековна сметка секој месец како да станува се' „попривлечен“ за македонските граѓани. Негативните салда во банкарскиот систем во земјава не престануваат да растат, достигнувајќи близу 95 милиони евра на крајот на септември оваа година, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија. Тоа значи дека банкарските минуси се зголемиле за близу 7 милиони евра во однос на една година претходно, додека, пак, месечниот пораст изнесува околу два милиони евра. Зошто се минусите во постојан нагорен тренд е тешко да се објасни со прецизност. Односно, дали станува збор за зголемени апетити за трошење на македонското граѓанство, или, пак, поблиску до вистината е верзијата дека платите кои ги примаат најголемиот број од вработените во земјава не се доволни за затворање на целата финансиска конструкција на месецот, па мора да се позајми уште малку од банката, која секогаш е тука да излезе во пресрет, наплатувајќи притоа дебел износ на камата.
Животот на минус на тековна сметка секој месец како да станува се' „попривлечен“ за македонските граѓани. Негативните салда во банкарскиот систем во земјава не престануваат да растат, достигнувајќи близу 95 милиони евра на крајот на септември оваа година, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија. Тоа значи дека банкарските минуси се зголемиле за близу 7 милиони евра во однос на една година претходно, додека, пак, месечниот пораст изнесува околу два милиони евра.
Зошто се минусите во постојан нагорен тренд е тешко да се објасни со прецизност. Односно, дали станува збор за зголемени апетити за трошење на македонското граѓанство, или, пак, поблиску до вистината е верзијата дека платите кои ги примаат најголемиот број од вработените во земјава не се доволни за затворање на целата финансиска конструкција на месецот, па мора да се позајми уште малку од банката, која секогаш е тука да излезе во пресрет, наплатувајќи притоа дебел износ на камата.
Инаку, обично банките нудат минуси до сума од две плати на своите клиенти, но тоа најчесто зависи од бонитетот на компанијата или институцијата каде што се наоѓа нивното работно место.
А, дека минусите не се бесплатни, доволно говори фактот што каматните стапки на негативните салда на тековните се втори највисоки од сите кредити одобрени во земјава. Односно, ако во септември годинава просечната каматна стапка на вкупните кредити била на ниво од 7,1 отсто, и ако таа секој месец постепено се намалува, во истиот месец каматата на минусите била дури 9,4 проценти, останувајќи непроменета подолг период наназад.
Кога станува збор за за кредитните картички, пак, тие се држат на едно константно ниво подолг период наназад, односно во септември повторно се вратиле на онаа нивна вообичаена вредност од околу 200 милиони евра колку што вкупно должи македонскиот народ на кредитна, што е благо зголемување за два милиони евра во однос на еден месец претходно. Каматните стапки на кредитните картички, пак, се убедливо највисоки, и во септември изнесувале 10,5 отсто.
Дека народот тешко успева да набави мебел, бела техника, да им плати образование на своите деца или, можеби, да замине на некое патување без да го „повика пријателот“ банка, односно да се задолжи, зборува постојаниот раст на потрошувачките кредити, кои во септември достигнале 734 милиони евра. Тоа е за дури 130 милиони евра поголем износ во споредба со пред една година, додека, пак, само за еден месец порастот е нешто поголем од осум милиони евра.
Во нагорна линија се и станбените кредити, кои на крајот на деветтиот месец од годинава се искачиле до 343 милиони евра, или за 45 милиони евра повеќе за една година, а 5 милиони евра има пораст за еден месец.
Но, колку и да се задолжуваат, македонските граѓани покажуваат дека тие се редовни и дисциплинирани враќачи, наспроти бизнисот, каде што во последниов период повторно расте износот на лоши заеми. Односно, ако вкупно во земјава сумата на нефункционални кредити е на ниво од 480 милиони евра во септември годинава и се движи до 12 отсто од вкупното кредитно портфолио, на населението отпаѓаат околу 89 милиони евра лоши кредити, сума која се одржува на ова ниво подолг период наназад.
Само во септември, банките во земјава пресметале и наплатиле вкупно над 27 милиони евра камати од граѓаните на кои им одобриле кредити, говорат податоците на централната банка.